Македонски денар: Што е претставено на нашите пари?
29/05/2020 In Conservative.MK, Економија, Конзерватизам, Македонија, Национализам, Образование Leave a comment
29/05/2020 In Conservative.MK, Економија, Конзерватизам, Македонија, Национализам, Образование Leave a comment
Кога некој ќе ве праша: Што е тоа „модерен“ патриотизам?
Тоа е преку едукација да си ја запознаеш својата историја, археологија, култура и континуирано да ја надоградуваш. Поради тоа, во периодот што следи заедно со младиот археолог Славчо Атанасовски ќе ве запознаеме со симболите, културата и археологијата на симболите на 🇲🇰 македонските денари. Почнуваме со „десетката“ и „пееска“ .
Аверс: Торзо на египетската божица Изида.
Изработена од мермер во подоцнежниот хеленистички период (II век п.н.е.), зачувана во висина од 42см на која ѝ недостасуваат нозете и главата, овој охридски наод на божицата на плодноста концепциски му припаѓа на александрискиот круг на изработка на Изида. Се претпоставува дека е донесен со повлекувањето на античките македонски војски од Египет. Денес се чува во витрините во куќата на Робевци.
На левата половина од парата е вметната претстава на златна обетка во чунеста форма, која датира од IV век п.н.е. Откриена е во гроб на млада принцеза, пронајден кај с. Беранци, Битолско.
Во левиот горен дел е претставен еден дел од јонски капител, додека во левиот долен дел е илустрирана мермерна биста на Тит Флавиј Орест (II век), добротвор и правосвештеник на градот Хераклеја Линкестис. Орестите претставувале старо македонско аристократско семејство со место на живеење во Солун. Причината што оваа биста е пронајдена и во соседниот град Стибера е претпоставката дека бил деловен човек со значителен капитал што го инвестирал во овие два града.
Реверс: Паун, детаљ од подниот мозаик во баптистериумот на Епископската базилика (IV-V век), Стоби.
Поделен во четири еднакви сегменти врамени со плетенки, во подниот мозаик во баптистериумот е претставена една иста евхаристична сцена: светиот пехар односно кантарос, од кој извира водата на мудроста (Христовото учење). Од двете страни на пехарот се поставени по два елени или два пауни и по две помали птици. Долу се шират акантови лисја.
Запознај се со својата татковина, едуцирај се за Македонија: македонските денари и симболите на истите.
АВЕРС: На аверсот на банкнотата од 50 денари е претставена декоративната штуко арка од црквата Св. Пантелејмон, с. Горно Нерези – Скопје, подигната во 1164 год. од страна на византискиот принц Алексеј Ангел. Во средината на арката епретставен фолис (569/70 год.) емитуван од византискиот император Јустин II (565-574 год.).
На левата половина од парата е претставен триаголен бронзен приврзок, кој датира од 7-6 век п.н.е. кој е пронајден на локалитетот Сува Река – Парагон, Гевгелија. Во левиот горен дел од парата е претставен Архангел Гаврил, додека во левиот долен дел се поставени две преплетени крилести змии, кои претставуваат детаљ од двокрилната плитко резбана врата од црквата Св. Јован Претеча (16 век), с. Слепче, Демир Хисар.
РЕВЕРС: На задната страна на парата е претставен Архангел Гаврил, детаљ преземен од олтарната фреска Богородица со Исус Христос на престол, од црквата Св. Ѓорѓи, с. Курбиново, Ресен. Целосната слика се состои од приказ на Богородица на престол со разиграниот Исус во рацете. Лево од нив е Архангел Гаврил, а десно, Архангел Михаил.Црквата е изградена во 1191 година, за време на владеењето на Исак II Ангел.
Истражи ја Македонија, посети ги локалитетите и местата претставени на симболите на македонскиот денар.
#Conservative 🇲🇰