Конзерватизмот се спротивставува на популизмот
28/10/2018 In Конзерватизам, Македонија Leave a comment
28/10/2018 In Конзерватизам, Македонија Leave a comment
Доколку објективно се обидеме да го разграничиме политичкиот спектар во Македонија, веројатно ќе ја примениме востановената класификација – леви политички партии, десни и партии на центарот и тоа изгледа пристојно, но само на хартија.
Во македонската пракса, партиите со спротиставени идеологии (доколку воопшто ги имаат) релативно лесно постигнуваат коалициски договори и формираат влади. Независно од објавените принципи, тие се обединети за желбата за моќ и привилегии, секогаш згодно спакувани во „евроатлантски” и „интересот на граѓаните” обланди кои потоа и се сервираат на јавноста како единствен пат за „подобро утре”.
Кога пред неколку години со група познаници почнавме посериозно да го разгледуваме прашањето дали треба да формираме политичка партија, неретко забележував дека некои од нив премногу лесно идниот политички субјект го сврзуваа во редот на десницата.
Но, посериозното прашање беше – каква десница?
Граѓанско Демократската Унија-ГДУ несомнено идеолошки припаѓа во т.н. конзервативен блок. Конзервативната иделогија има широк спектар на делување, а конзервативецот може да верува во традиционалниот конзерватизам, социјалниот конзерватизам, па се до модерниот и прогресивниот конзерватизам. Главната одлика на оваа идеологија е токму економскиот либерализам, поточно слободниот пазар, ниските даноци, поддршка за малите бизниси и приватниот сектор. Би додал, ГДУ е приврзаник на прогресивниот конзерватизам, типичен западен конзерватизам коj веруваме дека е најдобар инструмент за надминување на проблемите во општествово. Лекот кој ние го препорачуваме е поради дијагнозата на пациентот и поради историјата на болеста.
Во нашиот случај, организмот е целосно совладан од вирусот каде политичките партии кои се вистинските господари а владата и државата имаат само второстепена улога. Потсетува на тоа кога вирусот не го убива телото затоа што така би се убил и себе си, таквата симбиотска „хармонија” би била невозможна.
Значи, политичката конкуренција на ГДУ всушност не е левицата или десницата, политичката конкуренција е популизмот, маскиран наоколу под превезот на политички програми, манифести и памфлети кои ги држат граѓаните надвор од секој облик на учество во политичкиот живот. Тоа поведение се манифестира на локално и на национално ниво, рамнодушноста и дефетизмот се алатки кои им служат ним, но никако нам, на граѓаните.
Јавните служби се за жал бесповратно затруени, приватниот сектор се одвива помеѓу „тендерската економија” и „казните и глобите” како реален приход, средство за елиминација и контрола на конкуренцијата. Граѓанинот како поединец е најобесправеното „малцинство” во земјава. Тој не ја ужива заштитата во рамките на Уставот, затоа што е само имагинарна категорија.
Ако сме се изјасниле дека сакаме да живееме во Република, таа мора да има механизми со кои ќе им се спротивставува на сите кои претставуваат закана за егзистенцијата на самата Република.
Значи политичкиот модел мора да биде во функција на самиот фундамент на таа Република, а фундаментот е граѓанинот. Нему на располагање мора да му бидат сите алатки за фер и објективен политички натпревар. Основната алатка – фер изборен процес.
Во нашиот пример, доближувањето до респектабилна демократија е можно да се дојде преку пропорционален изборен модел со отворени листи, можете да најдете пример кликнувајќи тука [ФЕР ИЗБОРЕН ПРОЦЕС].
Разбирливо, неефикасен, компромитиран законодавен дом, логично ја еманира својата комромитираност и врз другите гранки на власта – извршната и судската, па така се ствара суштината на самите проблеми.
Само слободен граѓанин може да придонесува за себе и за заедницата, само таков може да бара одговорност, да се здружува со други еднакви на себе заради промовирање и унапредување на различни колективни интереси. Ако е потиснат како поединец, се понатаму е сѐ, само не е демократија!
Петар Колев – претседател на Граѓанско Демократска Унија, ГДУ и млад бизнисмен.