Голема загриженост за Трамп претставуваат „превртливите“ (swing states) кои може да бидат одлучувачки.

– вели Зоран Данилов во неговата најнова колумна.

Најголемиот дел од „гласањето во отсуство“ завршува една до две недели пред изборниот ден, зависно од сојузните држави. Во секоја посебно, гласовите се процесираат, а на изборниот ден се бројат. Иако во „променливите“ држави Трамп почна да води на анкетите, не престанува да твита дека има големи проблеми околу „гласањето во отсуство“. Твитер тие твитови му ги сокрива и му ги означува како „заблуда“ („misleading”) – уште една дополнителна војна со платформата која се претставува како медиум.

На една недела пред изборниот ден, изборниот процес во САД трае, поради „гласањето во отсуство“ и по пошта. За целото време Трамп е хиперактивен, одржува по три минитзи дневно и ги поправа броевите на сите анкети во своја полза. Во тоа многу му помага и веќе уморниот Бајден, кој на секое појавување во јавноста реди гафови, се губи и кажува глупости. Дополнително во негова штета е скандалот со лаптопот на син му Хантер Бајден, во кој се гледа дека го употребил својот татко додека бил потпретседател да му помогне во неговиот приватен бизнис во Украина.

Атмосферата после вториот и последен дуел дури и кај Демократите спласна. Трамп ја презема иницијативата низ државата, освен кај тврдите демократски упоришта. Дали тоа ќе му биде доволно за победата на изборите, кога се очекува најмасовната излезност во американската историја, или неговите стравови дека можеби „изборите се наместени“ со „гласовите во отсуство“ ќе му донесат дополнителни проблеми во обезбедувањето на вториот мандат, останува да видиме.

Страв на Трамп или реална закана по резултатите?

Голема загриженост за Трамп претставува можната манипулација со гласачките ливчиња, што во „превртливите“ (swing states) може да биде одлучувачко. Бројни граѓанни јавно декларирани како Републиканци се жалеа дека нивните гласачки ливчиња воопшто не стасале на нивните адреси. Други пријавуваа дека им пристигнале и по 20 и 30 гласачки ливчиња на нивните адреси – луѓе кои никојпат не живееле таму. Трети пријавуваа дека им пристигнувале гласачки ливчиња на име на одамна починати роднини. Во демократската Филаделфија (од важната Пенсилванија) забраниле присуство на партиски набљудувачи, за да не се групирале луѓето, па одлуката Републиканците ја оспоруваат на суд и судот пресудил против нив – во Филаделфија сепак ќе се гласа без набљудувачи.

Како шлаг на тортата, што ја загрижи целата американска јавност, или барем оние кои ги гледаат центристичките и десните медиуми, како и Трамповиот профил на Твитер и Фејсбук (чудо како не му ги сокрија твитовите), беше гафот на Бајден на 24 октомври, кога во телевизиско обраќање изјави дека „со администрацијата на Обама ја направиле најраширената и најинклузивната организирана гласачка измама во историјата на Американската политика“ (We’re in a situation where we have put together – and you guys did it for our admi … the president, Obama’s administration before this – we have put together, I think, the most extensive and inclusive voter fraud organization in the history of American politics). И да е гаф, кога доаѓа од претседателски кандидат, ве тера да се позамислите околу неговата вистинитост.

Трамп ќе се бори до крај

Во Септември, по потешко боледување почина судијката Рут Гинзбург, големо сидро на левите политики и на Демократите во Врховниот Суд на САД. Ослободеното место Трамп не губеше време да го пополни со свој човек, десно ориентираната судијка Ејми Кони Берет. Демократите бурно протестираа, затоа што во деветчлениот Врховен Суд, Републиканските номинации за судии дојдоа на 6, наспроти 3 на Демократите. Упорно настојуваа дека Трамп треба да ги сочека изборите, па дури тогаш да назначи судија. Тој легитимно објаснуваше дека неговиот мандат не трае 3,5 години, туку дека е претседател со мандат од 4 години, независно од изборите и дека има апсолутно право на тоа.

Впрочем, суштината на нивните обвинувања беа дека ако Трамп загуби, ќе ги оспорува изборните резултати од „гласањето во отсуство“, каде Врховниот Суд, обоен црвено (бојата на Републиканците) е крајна инстанца во одлучувачкиот процес на жалбите, од што може да зависи и исходот на изборите. Ејми Кони Берет беше свечено инаугурирана во Врховна судијка на 26 октомври на церемонија во Белата Куќа.

Пишува: Зоран Данилов, оперски пејач, голем фан на конзервативните политики како и на американскиот претседател Доналд Трамп.

Сподели: