Дали младите во Македонија заслужуваат многу подобро образование? Одговорот е ДА. Заслужуваат затоа што младите се иднината на едно општество. Младите се тие што треба утре да направат промени, подобри промени во општеството, промени на глобален план. Но, за жал Македонија тоа ниту го овозможува ниту го дозволува.

Како психолог во основно училиште гледам како децата уште со самото запишување во училиште на возраст од 5, 6 година се ставаат во „рамка“ која треба да ја следат наредните 13, а можеби и до крајот на животот. Излегувањето од таа така наметната „рамка“ која кај некој деца се вградува уште пред да тргнат во училиште, уште во градинка, значи непочитување на правилата кои ги наметнуваат така наречените авторитети кои слепо се држат до правилата и прописите кои некој кој е над нив ги пиставил. Секое спротивно однесување на детето е казнето од страна на лажните авторитети или можеби подобро кажано суети и комплекси на тие го треба да ги воспитуваат и образуваат нашите деца.

Да, градинките и училиштата не образуваат туку и воспитуваат. Затоа се нарекуваат воспитно-образовни институции. Но, во Македонија одамна не постои воспитание, а уште помалку образование. Учесниците учат само за да имаат добри, одлични оценки за утре да се запишат во некое јако средно училиште кое за жал ќе им го одберат нивните родители. Родителите преку децата пробуваат да си ги изреализираат сопствените неостварени сонови и желби, притоа заборавајќи дека нивните деца се личности, индивидуи сами за себе. Мал е процентот на учесници кои знаат точно што сакаат да постигнат во животот. Уште кога на сето ова ќе се надоврзат и наставниците (кои се на местата на кои се наоѓаат затоа што некој од партијата им рекол дека треба да се таму, на тоа работно место, во тоа училиште) на децата им се одзема секое право и слобода самите да одлучат што сакаат да бидат, што сакаат да работат откако ќе завршат со нивното школување.

Последниве 15 години во државава се направија така наречени напори за подобрување на образовниот систем кој наместо да оди нагоре оди надолу. Причината е затоа што секој кој ќе дојде на власт не гледа и не размислува за децата, туку гледа да направи профит и да дојде до пари. Децата немаат цена. Децата се иднината и најголемото богатство на родителите и на општеството во кое растат и во кое треба да се развиваат.

На сите истражувања на кои учениците се третираат како заморчиња во експеримент, Македонија е на најниското ниво, најдоле, на самото дно. Со големо жалење и со гнев можам да кажам тоа е така затоа што оценките што им се ставаат на учениците не се реални. Се ставаат оценки затоа што некое дете е дете на некоја влијателна личност. Се ставаат оценки затоа што родителите од 1 септември до 1 јуни никаде не можат да се најдат и да дојдат во училиште, но затоа од 1 до 10 јуни сите од никаде ќе се појават и со ургенции, проекции и во најлоша мера закани ќе бараат одлични оценки за своите деца. И нормално, наставниците кои веќе се партиски војници ќе мора да ги ставаат оцените кои се бараат. Мора да бидат послушни затоа што ако не го испочитуваат така наречениот „авторитет“ кои се замислува дека е незаменлив ќе бидат казнети. И повторно се враќаме на така наречената “рамка” која ни се наметнува од мали нозе.

Додека не почне да функционира врската ученик-родител-наставник ние како држава ќе бидеме на најниско ниво на сите истражувања што ќе се спроведуваат. Таа врска не подразбира детето да биде питчинето, туку напротив да биде слушнато и да се почитува неговата волја.
Ние возрасните можеме многу да научиме од децата. Наставниците мора да сфатат дека најголемата оцена што они ја добиваат во нивната кариера не е од интегралната инспекција, туку од учесниците.

За мене како психолог најголем мотив за уште поголемо постигнување и напредок во профисионалниот план ми е кога учениците ќе ми кажат каде грешам, што правам добро, а што не правам како што треба. За мене, учениците ми се најважната скала за тоа до каде сум стигнала во растот и развојот како училишен психолог.
Сметам дека ова треба да биде најважната работа за секој кој работи во училиште и образува и воспитува деца.

Да ги пуштиме децата да излезат од „рамката“ која им е наметната и да ги слушнеме нивните потреби за да изградиме подобар образовен систем за следните генерации.

Автор на политичката анализа: Елена Темелкоска, психолог. 
Идеолошки и аналитички центар Конзерватив МК. Следете не на FacebookInstagram & YouTube

Сподели: