Ивановски (КОНЗЕРВАТИВ) & Јонузи (КОХА) – Анализа
17/09/2021 In Conservative.MK, Безбедност и одбрана, Македонија Leave a comment
17/09/2021 In Conservative.MK, Безбедност и одбрана, Македонија Leave a comment
Анализа за Фактор МК: Кохезија или недоверба – Како „Рамковниот“ ја обликуваше Македонија во последните две децении?
Две децении и натаму не се доволни за хармонизирано гледање на Охридскиот мировен договор како политичка и уставна реалност која ја дефинираше Македонија по воениот конфликт од 2001. Рамковниот беше спроведуван од секоја влада во минатото базирана на македонско-албанска коалиција, но тоа не значи дека не постојат различни гледишта што добивме како држава. За дел од македонската страна Рамковниот е синоним за вработувања по етнички клуч и промена на општинските граници, додека пак за дел од албанската страна е своевиден триумф и заслуга на една личност, една партија. Живееме во мир, но со мала доверба, имаме уставно гарантирана кохезија, но недоволна интеграција внатре во општеството. Разговараме со двајца млади аналитичари, Филип Ивановски и Дестан Јонузи за ефектите од Рамковниот договор.
20 години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во каква држава живееме денес, дали е исполнето очекувањето за поголема интеграција и хармонизација внатре меѓу етничките заедници и колку овој договор кој веќе е целосно имплементиран и е дел од Уставот е основ за изградба на мултиетничка држава, со унитарен карактер и траен мир?
„Дваесет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор можеме да заклучиме дека овој договор стави крај на воените дејствија во Македонија, но за жал не донесе вистинско помирување меѓу Македонците и Албанците. Отсуството на долгорочен план за помирување помеѓу завојуваните страни, како еден од условите за стабилно разрешување на воен конфликт, е главната аномалија на Охридскиот рамковен договор.
Наместо создавање и спроведување на стратегија за темелно помирување, Македонија почна да ја полни државната администрација со неквалитетен кадар само за да задоволи одредени етнички квоти, а цената за тоа секојдневно ја плаќаат граѓаните преку лошиот квалитет на јавните услуги. Наместо искрено подавање на рака, Македонија воведе нова територијална поделба и насилно ја промени етничката структура на општини како Струга и Кичево. Наместо задоволување на правдата, Македонија беше сведок на амнестија на четирите Хашки случаи за воени злосторства во 2011 година.
Вака не се прави мултиетничка држава, туку бинационална држава во која останатите помали етнички заедници се целосно потиснати. Затоа и не се изненадувам кога гледам дека Европската Унија не е многу заинтересирана да нѐ прими во својот клуб на држави“ смета аналитичарот Филип Ивановски.
Дали со целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор може да се затворат етничките прашања и да се стави фокусот на граѓанска држава и колку албанските партии се подготвени на таков чекор?
„Охридскиот рамковен договор е историски чин што заслужува да се слави во Македонија, но со овој менталитет е многу, многу тешко. Наместо да постои меѓу-етничка кохезија во вакви ситуации, прославите одат до крајност. Всушност, Охридскиот договор имаше две основни цели, да се стави крај на непријателството меѓу Албанците и Македонците, и да се санкционира, законски, да се регулира положбата на Албанците. На оваа 20 -годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, иако требаше да се затвори како поглавје за мир од 2004 година, Владата на Македонија заклучи дека неговиот нормативен дел е затворен, додека најголемите партнери на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ изјавија дека тие работат за „Едно општество за сите“.
Културната и етничката разновидност е историски благодет за Македонија, и покрај повремените и спорадични политички и етничките судири. Нашите етнички и културни разлики ја прават државата уште посилна, а борејќи се за нивно унапредување уште повеќе се зближуваме. Взаемното почитување на етничките, верските, културните и сличи вредности ги зближува луѓето уште повеќе. Спортот и културата во повеќето случаи не научија дека можат да не обединат, додека политиката покажа дека вешто гради меѓуетнички поделби, омрази и раздор.
Етничките прашања никогаш не се затвораат бидејќи генерација, по генерација го наследува националното јадро на секој народ. Ниту една партија, ниту на Македонците, ниту на Албанците, не може лесно да избега од етничкиот префикс. Живееме на Балканот на „вознемирени“ сонови од конфликти и поделби.
Ниту партиите на Албанците, ниту на Македонците не се подготвени да ја остават настрана етничката агенда, но она за што мислам дека се созреани условите е дека секоја од нив со своите етнички, културни и политички разлики може да придонесе за изградба на економски силна држава. Моќна, од каде што ќе го врати згазеното достоинство на граѓанинот.
Силна економија, социјална стабилност, почиста и позелена средина се прашања што ги обединуваат сите без разлика на етничка припадност, вера и партија. Ако нашите политички лидери работат во ова, по неколку години граѓаните ќе можат да гласаат за најдобрата понуда, а не за етничкиот префикс на партијата. Исто така, еден од главните столбови на Охридскиот договор е децентрализацијата на власта. Овој проект и по 20 години не ја наоѓа вистинската имплементација“, смета аналитичарот Дестан Јонузи.
Дали денес на општествената сцена ОРД е причина за обединување или има простор за раздор, колку овој документ доследно се применува и колку се унапреди соживотот, довербата и заедништвото меѓу македонската и албанската заедница и помалку бројните етнички заедници?
„Изминативе дваесет години Македонија постојано е во состојба на хибернација, односно кревка стабилност која често предизвикува тензични ситуации со ризик во миг да избувне. Главната причина за тоа е што со донесувањето на Охридскиот рамковен договор правдата не беше задоволена, особено од гледна точка на мнозинскиот македонски народ, а без правда не може вистински да се гради соживот и заедништво. Тоа е исто како да сакате да градите куќа без темели. Ова незадоволство кај Македонците подоцна се рефлектираше и кај останатите етнички заедници и на тој начин се создаде маѓепсан круг на незадоволство и недоверба меѓу заедниците.
Згора на тоа, јас не се сложувам со констатацијата дека Охридскиот рамковен договор е целосно имплементиран. Една одредба од овој договор воопшто не е спроведена и постојано се игнорира од политичките елити во Македонија. Станува збор за внатрешно раселените лица кои за време на конфликтот во 2001 година останаа надвор од своите домови, претежно во селата со мнозинско албанско население. Се работи за безмалку 800 Македонци кои до денес живеат во прифатни центри во Куманово и Скопје и не можат да се вратат во своите вечни огништа. Очигледно властите во Македонија се одлучија за полесната варијанта, а тоа е проблемот да го стават под тепих, што според мене е кукавичка одлука која му штети на мировниот процес.
Без отворено соочување со овие горки прашања, Македонија нема да биде во можност целосно да излезе од оваа состојба на неспокоен мир, да ги нормализира меѓуетничките односи и да изгради модерна држава која ќе се грижи за сите граѓани подеднакво“, дополнува Ивановски.
Има ли доза на триумфализам кај албанската јавност во прославување на Рамковниот договор, наместо усогласеност дека начелата од него се заеднички и што пак, од друга страна треба да се надмине како реторика од страна на македонската јавност?
„Голем хендикеп за Рамковниот договор е да добие негативни оценки во овој поглед. Тоа е договор, чиј триумф им припаѓа на граѓаните. Тоа е договор со кој се идентификува секој граѓанин. Неговата партизација испраќа многу негативна порака, и ова негативно се рефлектира кај граѓаните кои гледаат на овој договор, како договор, што произлегува од војната, а не како чин што им стави крај на крвопролевањата. Mногу е штетно што има вавки негативни реакција“ заклучува Јонузи.
Х.С.