Најважните два збора во политиката се: кој одлучува? Денес, ширум целиот Запад, главно прашање е дали владата се заснова врз согласноста на тие над кои се владее или врз тоа дали над претходно демократизираните народи ќе владеат, против нивната согласност, наднационалните институции и глобалните сили кои не се под нивна контрола.

Референдумот за Брексит беше одлучувачки момент во глобалната политика на 21 век. Преку Брексит, британскиот народ повторно го потврди најголемото политичко право, правото на слободните луѓе да владеат со себе. Западните конзервативци не треба да се двоумат да ја прослават повторната поддршка на демократската самоуправа, односно демократскиот суверенитет на Обединетото Кралство.

„Без патриотизам, ниеден консензуален режим не може да опстане.“

Денес, демократската национална држава е примарна институција која осигурува постоење на праведен политички систем во кој владетелите им сносат одговорност и ги бираат оние над кои се владее. Како што Мајкл Гов за време на дебатата за Брексит концизно рекол: „Законите коишто треба да ги почитуваме… треба за нив да одлучуваат луѓето кои ги избираме и кои можеме да ги тргнеме од власт.“ Наместо тоа, членството во Европската унија значи дека за британските закони „одлучуваат политичари од други нации кои не сме ги избрале ние и не можеме да ги тргнеме од власта.“

Поддржувачите на наднационалната власт на Европската унија тврдат дека системот останува консензуален, бидејќи демократските државни функционери ја делегираат власта во наднационалните институции на ЕУ. Значајно е да се напомене декa и просветителскиот филозоф Џон Лок и американскиот државник Александар Хамилтон особено го отфрлија овој вид делегирање на власт кој го пренесува суверенитетот или самоуправата од еден политички ентитет на друг политички ентитет. Лок пишува во својата позната втора расправа дека ако „законодавството“ (парламентот) „допушта луѓето да се потчинат на странска сила’“ тоа „го менува самото законодавството.“ Лок вели дека концептот за слободно и независно општество, управувано според сопствени закони, се губи секогаш кога тие закони ќе се препуштат во туѓи раце.”

Според зборовите на Лок, Александар Хамилтон изјавил дека сувереното законодавно донесување одлуки не може да бидат делегирани според американскиот Устав. Хамилтон напишал: „делегирана власт не може да смени уставен акт … Претставник не може да создава сопствено овластување. На пример, една спогодба не може да ја пренесе законодавната власт на извршната власт.“

Ако демократската национална држава претставува основна институција на слободно општество, не може да се земаат здраво за готово нејзиниот суверенитет и слобода, туку тие опстојуваат само преку патриотизмот на нејзините граѓани. Како што нè потсетуваа политичките мислители од Платон и Аристотел до Монтескје, Медисон, Бурк и Токвил, без патриотизам не може да преживее консензуалниот режим.

Конзервативните гласачи и конзервативните политичари природно ги привлекува патриотизмот, националните традиции, националниот идентитет и наследството на сопствената нација. Но, што треба да биде конзервативниот пристап кон национализмот? Ајде да ги разгледаме различните видови национализам.

Постои агресивен национализам, којшто често го практикуваат авторитарните држави, кој се карактеризира со воен став кон странците и во некои случаи стреми кон воени освојувања. Но, постојат и поточни термини за објаснување на ова негативно однесување: шовинизам за воздигнување на војната и воените освојувања и шовинизам за непочитување на другите народи. Така, употребата на терминот „националист“ е несоодветна во ваков случај, каде што поточно е да се употреби терминот „шовинист“.

Од друга страна, самоуправните слободни општества не можат да постојат без патриотизам, што е синоним за демократскиот национализам. Не може да има демократија без национална држава и ниту една нација (и никаква конзервативна политика, по тоа прашање) нема да преживее без националистички чувства. Како што објави уредникот на Нешнал Ривју, Боул Лоури, „националистичките чувства се природни и доколку се обидете, тие не можат да бидат истргнати од луѓето. Тоа би било чудно… конзерватизам без никакви националистички чувства.“ Лоури и неговиот колега Рамеш Понуру ги повикаа своите конзервативци да го прифатат „просветлениот национализам.“

Израелскиот политичар Натан Шарански тврдел дека „национализмот е моќно оружје во одбраната на слободниот свет против агресијата.“ Во текот на Втората светска војна, демократскиот национализам, кого го спроведуваа Черчил, Рузвелт и Де Гол, беше главна инспирација за отпор кон нацистичката германска империја (што според гледиштето на Хитлер беше повеќе ариевски расистички и империјалистички режим отколку режим кој е фокусиран на германскиот национализам и германски национален интерес).

По Втората светска војна, конзервативната ренесанса на Западот под раководство на Реган, Тачер, Де Гол и Бегин беше проткаена со духот на демократскиот национализам, спротивно на социјалдемократски ориентираната западна левица, која стануваше се повеќе транснационалистичка. Како демократски националисти (и конзервативци) и Де Гол и Тачер (и покрај нивните економски и надворешно-политички разлики) се залагаа за Европа на суверени национални држави, а не за наднационален ентитет, каков што ЕУ е сега.

Во текот на 1980-тите години во САД двајцата водечки мислители на неоконзерватизмот, Ирвинг Кристол и Норман Подхорец, неосновано го опишаа претседателот Реган како националист. Подхорец го дефинирал патриотизмот како „љубов кон“ својата земја и национализмот како „гордост за“ својата земја и истакнал дека Реган ги промовира и двете. Но, без оглед на различните дефиниции, врската помеѓу конзервативците со патриотизмот и национализмот е фундаментална и не може да се негира. Како што израелскиот филозоф, Јорам Хазони, забележал: „Конзервативците се националисти уште од времето кога Дизраели пишувал романи.“

„Конзервативците се националисти уште од времето кога Дизраели пишувал романи.“

Постојат тврдења дека конзервативците треба да го усвојат ставот „патриотизмот е добар, национализамот е лош“. Но, овој начин на размислување премногу им попушта на антинационалните сили и поради тоа, честопати води до ублажена форма на „патриотизам“, кој ќе се двоуми дали да ја брани својата култура, наследство, историја и национални традиции, без кои слободното демократско општество нема да може да преживее.

Конзервативците, без оглед на тоа дали се работи за поборниците на слободниот пазар од англиско јазично подрачје, континенталистите на Де Гол или некаков спој на фузионисти, како партијата Ликуд во Израел или централно-десничарската коалиција во Данска, треба да имаат цврсти ставови. Ние со гордост треба да кажеме: да, ние сме за патриотизам, демократски национализам и сувереното право на слободниот народ да владее со сам со себе. И ова го вклучува правото на општествена репродукција, односно правото на слободните луѓе да ги овековечат сопствената култура, институции и начин на живот преку политиката за имиграција и асимилација, што се заснова на принципот на владеење со согласност од тие над кои се владее.

Статија преземена од официјалното списание на АКРЕ „Д Конзерватив“ (анг. “The Conservative”).

Напишал: Џон Фонте, Senior Fellow and Director of the Center for American Common Culture at the Hudson Institute

 Џон Фонте Демократската самоуправа бара национализам“, The Conservative, издание 6 (мај, 2018).

ЗАБЕЛЕШКА:

Conservative.mk во партнерство со Алијансата на Конзервативци и Реформисти на Европа (ACRE), има дозвола за користење, превод и споделување на информациите од списанието The Conservative Online. Прочитајте ги правилата и прописите за користење на информации од The Conservative Online.

The Conservative Online

REPRODUCTION RIGHTS: All content and materials of The Conservative are copyrighted, unless otherwise stated.

DISCLAIMER: ACRE is a Belgian ASBL/VZW No: 0820.208.739, recognized and partially funded by the European Parliament. Its views are not reflected by the European Parliament. The views and opinions expressed in the publication are solely those of individual authors and should not be regarded as reflecting any official opinion or position of the Alliance of Conservatives and Reformists in Europe, its leadership, members or staff, or of the European Parliament.

Сподели: