Нешто во врска со Македонците ми нема многу смисла. Вољата да се предаде што поголема контрола на владата. Е сега, бидејќи даноците се најлесно прифатеното средство преку кое една влада се здобива со контрола над населението, ќе ја образложам мојата анализа низ призмата на даноците. 

Од една страна, секој со кого сум разговарал од петни жили се напнува да го оправда плаќањето даноци. И секогаш следуваат истите, веќе досадни аргументи: „Aми училишта кој ќе гради, за наставници кој ќе плати? Патишта, мостови, тунели, пруги…од каде, ако не плаќаме данок? Здравство и доктори? Полиција? Пензии?“.  До некаде го разбирам такво размислување и тоа го разбирам од неколку причини:

  • Прво, гледам дека најголем број од нас никогаш ниту помислиле дека живот без даноци е возможен, ниту пак некој некогаш ни кажал такво нешто. Барем во мојот случај, почнувајќи од моите родители, па до пријатели, роднини, познаници, колеги, сите секогаш само кревале раменици и велеле дека даноците се нешто што мора да се плаќа. Така било од секогаш и нема тука што да се дискутира. И така останувало речиси секогаш, тука завршувала дискусијата околу даноците.

Значи, тргнувајќи од фактот дека јас во првите 30 години од мојот живот не сум слушнал ништо за живот без даноци, можам да разберам зошто таква замисла би била страшна, нихилистичка, па дури и предавничка во очите на некој кој продолжил така, незаинтересирано да тера и после својата 30-та, 40-та година во животот.

  • Второ, ние од секогаш сме сакале за пример и за споредба да гледаме кон крајно напредни или назадни држави низ светот само за да докажеме или побиеме одредени тези или начини на кои сме ние самите организирани. Па така, некои од најнапредните земји во светот кон кои често гравитира нашата фантазија се Јапонија, Германија, Шведска, Данска, Канада, итн. Со оглед на фактот дека граѓаните од овие земји доброволно оттуѓуваат половина, а во некои случаи и поголем процент од својот приход со цел одржување на општествените потреби, инфраструктура, бесплатно ова, бесплатно она, тогаш има смисла и нашите граѓани да веруваат во оваа одржливост. Има смисла да веруваат дека доколку секој од нас се откаже од половина од својата заработка и кај нас возовите ќе почнат да доаѓаат на време до секундата, да летаат со 400 на саат, ќе добиеме по тројца доктори по пациент, децата ќе ни одат на факултет за без пари. Секако, да не заборавиме дека може и од чешмите дома ќе почне да ни тече мед и млеко наместо вода.

Само што, во овој случај излегува онаа популарната дека, корелацијата не подразбира причина (слободен превод), или со други зборови, само затоа што овие држави имаат високи даноци, не значи дека овие држави се напредни поради високите даноци. Постојат уште еден куп фактори, кои имаат далеку поголемо влијание врз напредокот и стабилноста на една држава отколку даноците. Дури и пореалистично е да се каже дека овие држави се успешни и напредни и покрај високите даноци.

Овие се, отприлика, причините поради кои ми е разбирливо луѓето да веруваат дека даноците се клучен фактор во напредокот на општеството.

Да се префрлиме сега на другата страна, на работите кои ми цртаат контрадикторна слика кога станува збор за поддршката на високите лични давачки кон државата.

Прво, Македонците се изразени индивидуалисти. Многу дружељубиви, но сепак крајно индивидуални, посебно во контекст на слогата на национално ниво. Ова не значи дека не сакаме да си помогнеме кога треба, туку е една генерализација на карактерна особина која е далкеу повеќе акцентирана кај нас, споредено со граѓаните на погореспоменатите држави. Дури и редовно се прекоруваме едни со други, некогаш и престрого, нарекуваќи се предавници, лицемери и што уште не само поради фактот дека е тешко да се здружиме и сложиме кога треба да се решат одредени заеднички, јавни проблеми. Како тогаш очекуваме луѓето кои ги одбираме да не водат, да се сложат за истата цел, особено кога таа цел им е најважна на луѓе кои тие воопшто не ги ни познаваат?

Второ, и нешто на што сум особено горд, Македонците си ја ценат својата лична слобода. Ние сме луѓе кои сакаме да одиме каде што сакаме, да правиме што сакаме, да уживаме во животот, не поднесуваме строги рестрикции, а и немаме против да побараме помош од пријател или роднина на погодна позиција само за да прескокнеме законски препреки понекогаш – да не чекаме ред во административни ходници, шалтери, како најпрост и најневин пример.

Трето, и нешто што најмногу ми боде очи: секојдневните и прилично реалистични жалби кон неефикасноста на владата и нејзините институции. Јасно ми е дека голем дел од овие жалби потекнуваат од некаква си слепа партиска наклонетост, но во најголем случај жалбите се и тоа како основани! Сега ако ги вратиме сите оние досадни аргументи кои ги споменав на почетокот, гледаме дека од патишта, мостови и тунели, па се до здравство и полиција – сето тоа се проекти и институции кои во никој случај не би ги нарекле успешни. Барем во никој случај не му служат на просечниот, обичен работник. И ако некој од нас, некогаш, всушност и се почувствувал дека овие институции му излегле во пресрет, тогаш тоа не се случува многу често, и дефинитивно не може да се каже за администрацијата. Ако постои бранша на работни места кои се ништо друго освен жив трошок за една држава, тогаш тоа е државна администрација. Секој од нас го знае тоа.

И на крајот, како решение за оваа неефикасност, упорно ги менуваме челниците, но никако методот! Одбираме да продолжиме да ја финансираме оваа неефикасност, без разлика колку пати истата не клоцнала во меѓуножјето, фигуративно кажано.

Но, еве и да го замислиме тој фантастичен свет каде администрацијата и сите други државни служби си ја вршат работата ефикасно и навремено. Оставајќи ги овие служби во сопственост на државата повторно е грешка, затоа што со тоа и се дава можност на моменталната владеачка гарнитура за јавен поткуп на граѓаните за гласови, без разлика на можностите на држвата да го поднесе тој поткуп. Токму она што го видовме со моменталната власт, нелогичната дарежливост преку зголемени плати и пензии, К-15, буквално преполнување на државните административни ходници и канцеларии со луѓе кои дури и кога би сакале, не би можеле ефикасно да работат едноставно затоа што секој од тие ходници имаат ограничен број канцеларии, и тие канцеларии имаат ограничен број на меки столчиња.

Без разлика, владата упорно „вработува“ на ангро, посебно пред избори. Владата упорно ветува, троши, се расфрла, само за да си купи повеќе гласови. Без разлика на последиците. И последиците не се само финансиски. Јасно е колку секој вработен поради трампа за глас би се трудел да биде ефикасен работник. Тој ветил глас – тие го вработиле, работата е завршена. Екстра труд не е потребен, поради што услужноста и ефикасноста на тие институции е таму каде што е. Неодговорност од обете страни, незадоволство се поголемо, револт се поизразен, и се така до бескрај.

Во моите очи, барем, решението е далеку поедноставно. Помали давачки, помала моќ за владата, помала можност за интрузија и нарушување на лични права и слободи. Помалку, а и помали министерства, институции, помала можност за уцена и купување гласови, поголема можност за транспарентност. И секако, со тоа, помал интерес на расипаните ликови да влезат во политика. Кога во политиката нема да постојат милиони достапни за злоупотреба, во политика ќе влезат само оние што искрено сакаат да ја подобрат ситуацијата за сите, а не само за самите нив.

Тогаш, кога политиката и владата ќе служат само како средства за борба против прекршување на личните права и слободи, корупцијата ќе се намали, дури и исчезне.

Би било добро, дури одлично, кога би можеле да излеземе од прангите на владините „решенија“ кои ретко, ако воопшто, се остваруваат, а во секој случај прескапо чинат.

Би било добро кога би се решиле, наместо упорно да им ги финансираме личните приоритети на една мала група луѓе, тешко заработените средства всушност да си ги инвестираме во брзи и ефикасни решенија за кои самите ќе се договориме.

Промената кај нас треба да дојде од културен аспект, а не од финансиски. Многу е полесно да се договори решение на проблем со соседите, отколку да се чека од некој кој не знае (а и не го интересира) ни колку струја му троши грејното тело во канцеларијата, од каде што ветува дека ќе го реши истиот тој ваш проблем.

Зошто сме уплашени самите да ја преземеме контролата над нашите животи?

Автор: Марјан Ќуринов, водител на подкастите на Конзерватив МК наречени „Слободна тема“

Сподели: