Кливленд, Охајо. Дебата под строги протоколи од Ковид пандемијата. Салата е празна, нема публика. Кандидатите не се поздравуваат.

Трамп: Неочекувано смирен и сталожен.

Ја немаше дрскоста типична за него. Она што знаел да биде на митинзите, полн енергија, бомбастичност, борбеност, како пит-бул пуштен од синџири, вечерта на дуелот не беше ни на половина од тоа. Ги немаше фразите типични за неговата духовитост кои веројатно му ја донесоа победата во дуелите со Хилари. Ова остави една празнина во очекувањата кои симпатизерите ги имаа од него. За таа разлика, се трудеше да оддаде слика на стабилност, супериорност и огромна сигурност во себе и одлуките кои ги носел во досегашниот период. Ретко беше саркастичен. Сакаше да оддаде слика на претседателот Трамп, не како бизнисменот Трамп. Донекаде и успеа во тоа. Беше можеби и лежерен и премногу сигурен во себе, како однапред да го знае исходот од изборите, па оваа дебата е нешто низ кое што мора да помине.

Бајден: Добро подготвен од ПР тим.

Следејќи го Бајден и неговите лапсузи во говорот изминативе неколку години, некохерентниот говор и буквалното тропање глупости во моменти на декфокусираност од темата за која дискутирал, мислам дека целата јавност го очекуваше моментот кога тој прв пат ќе отвори уста. За нивна среќа и мора да се признае, големо изненадување, тој остана прибран; моментот на „ме убива туѓиот срам“ го немаше. ПР тимот го подготвил максимално добро: вложуваше големи напори да ја доврши мислата до крај и покрај честите прекинувања од Трамп. Кога ќе беше притеснет со Трамповите поентирања и дофрлања, за разлика од Хилари, која замолкнуваше, овој се вртеше кон камерите и директно се обраќаше кон јавноста со банални флоскули од типот на „овој човек само лаже, ја подели нацијата“, „знаете за кого да гласате“ или „излезете и гласајте за вашата иднина“. На моментите на поентирање на Трамп цинично се насмевнуваше. Се добива впечаток дека доколку Трамп се воздржеше од прекинувањата, Бајден можеби ќе наредеше некој „бисер“. Иако делуваше сигурен во себе, не беше доволно убедлив и оддаде слика на вознемирен и уморен бирократ пред пензија, полн неспокојството и нервоза, кои максимално се рефлектираа неговото говорење.

Тензијата и навредите

Дека Бајден беше нервозен, беше очигледно преку неколкуте навреди кои ги упати до Трамп. Го нарече „кловн“. Потоа, директно му кажа дека е расист. Кога Трамп го праша: „ти беше сенатор цел живот, зошто не ги намали даноците“, овој одврати „затоа што ти тогаш не беше претседател за да ги зае*еш работите“, по што додаде, „аман човеку, ти си најлошиот претседател во историјата на Америка“. Или, „ќе заќутиш ли, човеку?“ или „кое од овие цмиздрења беше прашање“. Трамп како за чудо, не врати на ниту една од овие суптилни навреди, но во еден наврат, кога Бајден кажа дека за справување со Ковид кризата треба паметни луѓе на клучни позиции (алудирајќи дека Трамп воопшто не е паметен), не додржа и избувна: „Џо, нема ништо паметно во врска со тебе. Ти си дипломирал или последен или скоро последен во твојот клас. Никогаш немој да го користиш зборот паметен со мене“, потоа надоврзувајќи се на шпекулациите за лажните претставувања на Бајден дека го посетувал Државниот Универзитет на Делавер, првиот историски црномурен универзитет во државата.

„Модераторот“ Крис Валас

Во стерилната атмосфера без публика поради протоколите за социјално дистанцирање, целата телевизиска јавност беше изненадена од однесувањето на модераторот на дебатата, долгогодишниот новинар на Фокс, Крис Валас. Стриктно држејќи се спрема договореното сценарио, се почувствува дека ја расипа вистинската дебата со тоа што не им дозволуваше на кандидатите да влезат во отворен разговор. Често влегуваше во полемика со претседателот, нешто што не го правеше со Бајден, и неколку пати не му дозволи да си ги заврши поентите. Можеби за ова придонесе и самиот Трамп и неговите, наводно 140 избројани прекинувања (наспроти наводните 65 на Бајден), при што на моменти упорно го замолчуваше и дури му кажа дека му било непријатно да го крева гласот, но „господине претседате, вие премногу го прекинувате соговорникот“. 

Многу често, кога Трамп се обидуваше да направи поента, или да реагира на некоја на Бајден, овој го прекинуваше со фразата: „дозволете, тоа ми беше моето наредно прашање“ или „ќе преминеме на таа тема многу скоро“. Трамп остануваше недоречен.

Во едно вистинско надвикување уште на самиот почеток, Валас упорно се обиде да издоминира со своето тврдење дека Трамп немал план за замена на „Обамакеар“, по што Трамп му забележа: „очигледно јас овде дебатирам со тебе,  не со него (покажувајќи кон Бајден), но тоа е ок, не сум изненаден“. Можеби не беше стриктно про-Бајден, но очигледно беше дека Валас е склон да го критикува Трамп.

Медиумите и лажната претстава

Она што е најзагрижувачко, е што голем број од медиумите во САД, особено оние наклонети кон левицата и Демократите, се обидуваат да го протолкуваат дуелот како „непродуктивен“ и да направат една слика во која „никој не победил“. Ова е навистина загрижувачко. Одекнуваа наслови како: „Дебакл дебата“, „дебата на навреди“, „Америка заслужува подобро“, „Премногу ниско ниво“, „на што се сведе дебатирањето во САД“ и сл. Зачудуваше и упорноста на аналитичарите кои беше очигледно дека сакаат да го релативизираат дуелот и поентите кои двајцата кандидати ги изложија: „ако е точна статистиката дека 1 од 10 американци не се одлучени, овој дуел воопшто не им помогнал да се одлучат“, како што еден од нив забележаа.

Проблемот на Бајден

Со цел да се сруши Трамп и да се запре неговиот галопирачки замав со кој тој почна да ја води земјата, откако не им успејаа сите истраги кои произлезе дека биле монтирани и неосновани, откако не им успеа импичментот и откако економијата предводена од Трамп не потклекна и покрај предвидувањата за катастрофата од Ковид-кризата, Демократите направија пакт со ѓаволот – се здружија и ја активираа крајната левица. Иницијалната каписла беше убиството на Џорџ Флојд и расните немири кои започнаа. Низ (демократски водените градови во) целата земја почнаа протести. Се протестираше против „системскиот расизам“ во САД и „белата супериорност“. Активистите на „Црните животи значат“ (Black Lives Matter), за свој препознатлив симбол го земаа клечењето – провокативн гест во знак на крајно непочитување на Американските закони и поредок. Оние кои не сакаа да клечат – беа расисти и бели супремисти. И сето тоа беше во ред.

Се додека на протестирачите не им се приклучија активистите на „Антифа“ и не започнаа со нереди. Кршеа излози, ограбуваа продавници, напаѓаа и бели и црни граѓани кои им застануваа на патот. Пресретнуваа белци на сред бел ден и под закана од насилство ги тераа да клечат пред нив и да се извинуваат за тоа што се бели. Почнаа со палења на згради, окупираа полициски станици, напаѓаа полицајци. Почнаа да рушат статуи затоа на историски личности затоа што пред 200 или 300 години поседувале црни робови. Рушеа статуи дури и на ликови кои немале робови, но не се бореле против ропството. Настана хаос. Во Сиетл направија „автономна територија“ каде беа извршени и две убиства. За нив вирусот како да не постоеше: не важеа мерките за „социјано дистанцирање“ и останати протоколи за кои обичните граѓани беа ставани во карантини. Ултра левите „новинарски сидра“ како Крис Куомо (братот на гувернерот на Ну Јорк Ендрју Куомо), Дон Лемон и останатите, откако не им успеа да ги окарактеризираат како „генерално мирни“ (mostly peaceful), се обидуваа нередите и бунтовите да ги претстават како „потребни“; се обидуваа да ги оправдаат бунтовниците дека еден демократски протест не исклучува насилство – белата супремација над црните дошла до точка на вриење и чашата се прелеала. Клучно барање на „Црните животи значат“ беше да се „дефундира полицијата на САД“ (defund the police). Демократските градоначалници и гувернери почнаа да бараат од полицијата да биде „поблага“ спрема криминалците и да не применува сила. Како резултат на тоа, криминалот во одредени градови (Њу Јорк, Чикаго, Балтимор, Лос Анџелес) порасна за 200%, а убиствата дури и за 100%. Во обид да ја претстават Америка како нестабилна и небезбедна држава под водство на Трамп со нередите кои самите ги предизвикаа, Демократите станаа заложници на крајната левица и почнаа да ја губат својата традиционална центристичка и лево-центристичка база. Станаа заложници на не повеќе од 0.1% насилници и рекетари.

Растргнат помеѓу двете струи, (екстремно левата и традиционалната Демократска база), Бајден цело време имаше колебање на ставовите. Ниту еднаш не зазема цврста страна спрема некое горливо прашање. Постојано даваше неодредени одговори за конкретни теми. Тоа беше неговата несигурност. Тој има план за се, ама плановите се неодредени и магливи. Онаму каде што знаете на што сте со Трамп, со Бајден сте на „висење“, затоа што тој седи на две столици. Мора да измирува две струи.

Она кое што медиумите го нарекоа „ничија победа“

Прашан дали ќе го прошири Врховниот суд (каде Републиканците со најновата номинација на Ејми Кони Берет, ќе имаат доминација од 6-3, во пракса од 9 судии која е стара преку 160 години), одби да одговори, се сврте кон камерите и почна да ги рецитира празните флоскули „излезете и гласајте, вие знаете најдобро“.

Одби да одговори и дали ќе ја „дефундира полицијата“ – едно од клучните барања на радикалната левица. Ако каже дека ќе ја дефундира, тогаш ќе дојде во конфликт со главната база на Демократските гласачи. Почна да врти и да се губи: тој бил за многу похуман тренинг на полицајците, каде што со секоја група на полицајци ќе одел и психолог и ќе ги советувал да не бидат насилни додека апсат или бркаат криминалци. Тој бил за да се бираат полицајци во секое маало, и секој полицаец ќе ги познавал жителите. (Слушајќи ги овие бисери, ви се чини дека Трамп требаше да го остави повеќе да зборува, да не го прекинува на секоја глупост.)

Притиснат од Трамп, Бајден одвај кажа дека е против насилството. Трамп го прашуваше: „ајде кажи дека си за Закон и поредок (Law and order)“. Бајден одбегна да одговори. „Не одговараш, затоа што не сакаш да ја загубиш поддршката од радикалната левица“. „Именувај барем една група на Полицајци која те поддржува, една полициска станица“ – „Немаме време сега за тоа“ – „не, не, имаме време, ама нема ниту една таква“, поентираше Трамп.

Кога сети дека Бајден катастрофално го губи тлото на темата за безбедноста, безобразието на „модераторот“ Валас достигна врв кога го праша Трамп дали ќе ги повика белите супремисти „Бели Момци“ (White Boys) да престанат со насилството. Скоро 4 месеци BLM и Антифа палат, ограбуваат, напаѓаат, крадат, а сега „модераторот“ го прашува претседателот за десна маргинална група во целиов овој хаос. Дури и Трамп се изненади, но не се збуни. „Именувајте ми ги тие на кои сакате да им кажам да се повлечат“ – „Белите Момци…“ – „Бели момци, повлечете се!“. Тука се созема и возврати дека нередите во САД не се десничарско прашање, туку на екстремната левица, на Антифа, на што Валас лицемерно го прекина почна да повторува како навиен: „добро господа, сега одиме на следното прашање“.

Трамп отворено се повлече од Парискиот договор за глобално затоплување. Според него, сите регулативи на кои САД се обврзале да ги имплементираат и почитуваат чинат над 100 трилиони долари, во ситуација кога ниту Кина, ниту Русија, ниту Индија не ги прифатиле. Тоа ќе биде огромен удар врз економијата на САД. „Модераторот“ неколку пати го враќаше да му нагласи дали е тој против науката која вели дека глобалното затоплување ги причинува пожарите, на што Трамп мораше да се повторува дека секоја година во Калифорнија има пожари поради лошото менаџирање на шумите. Нагласи дека потпишал указ со кој државата се обврзува да засади милијарда нови садници.

Бајден, исто рече дека не е за „Новиот зелен договор“ (Green new deal) кој Обама го потпиша. „Ооо, ти не го поддржуваш „новиот зелен договор“! Ова е голема изјава!“ го прекина Трамп, „Штотуку ја загуби поддршката на радикалната левица!“ Но, не тој има свој план, „Бајденов план“ и тој ќе се „исплател самиот од себе“. Некако, не ни стана јасно каков е тој „Бајденов план“.

„Украдени“ финти: држ’те го крадецот

– Падна во очи една интересна тема која ја донесе пандемијата: Бајден го обвини Трамп дека тој е одговорен за сите 204.000 смртни случаеви од Коронавирусот и за 7.000.000 заразени. Не реагирал соодветно. Оти немал план. Требало да излезе од својот бункер и да ја види ситуацијата на терен. Овде ме фати смеа, што Бајден ги презема фразите на Републиканците, затоа што додека Трамп секојдневно држеше прес конференции и носеше одлуки околу пандемијата, Бајден речиси исчезна. Во рок од пола година се појави цели 3-4 пати во јавноста и тоа онлајн од домашниот компјутер. Читаше од телепромптер одговори на подготвени прашања. Почнаа да го исмеваат „Џо од подрумот“ („Joe from the basement“).

– Ме насмеа уште една тема која ја презема од Трамп: ќе направел акција за купување на американски производи…

–  Од карантините пропаднала целата економија на САД и Трамп се грижел само за најбогатите, кои профитирале највеќе заради ниските даноци, а Бајден ќе им ги зголемел даноците… „Додека вие седите дома, и се прашувате како ќе го терате месецот“ се сврте Бајден кон камерата обраќајќи се на гледачите, „најбогатите станаа уште побогати на вашиот грб.“ Кое лицемерие. Сите оние „најбогати“ кои станале уште побогати од мерките на Трамп, се најголемите финансиери на Демократската партија и ултра левичари: Безос, Сорос, Гејтс, Бафет, Зукерберг…

________________________________________________________________________________

Сликата која Трамп ја прикажа е дека Америка под негово водство сè уште е ветената земја; дека Американскиот сон за успех до ѕвездите е реалност за секој оној кој е вреден, способен и верува во себе. Тој цврсто стои зад „Закон и ред“ – спремен е да го брани Уставот по секоја цена ако дојде до тоа. Тој е крајно посветен на економијата и на отварање на нови работни места – до опсесија, она што им е најважно на Американците. Тој е против затворање на економијата, против карантини и против блокирање на државата. Со Трамп знаете на што сте.

Сликата која Бајден ја прати е дека тој „има план“. Има план за сè, но не кажува каков е, затоа што и самиот не го знае. Уценет е и растргнат во самото лево гласачко тело. Бајден го обвинува Трамп за сите проблеми кои Демократите и радикалната левица ги направија: дека земјата била осиромашена, поделена, несигурна, небезбедна, а тој ќе ја обединел. Интересна стратегија: направете проблем, па потоа самите понудете се како фактор за решавање на проблемот. Со Бајден не знаете на што сте. Единствениот императив во неговиот план е: Трамп да не добие втор мандат.

Тоа е она кое медиумите сакаа да ви го прикажат, дека дуелот е нерешен и дека преовладувале навредите и личните напаѓања. Наспроти очигледното.

Пишува: Зоран Данилов, оперски пејач, голем фан на конзервативните политики како и на американскиот претседател Доналд Трамп.

Сподели: